Се обиделе да ја убијат Лејди Гага на концерт во Бразил, полицијата сапречи бомбашки напад, осомничените регрутирале и малолетници

Лејди Гага за малку ќе станеше мета на смртоносен напад за време на нејзиниот историски концерт на плажата Копакабана, на кој присуствуваа околу 2,1 милиони луѓе. Бразилската полиција соопшти дека спречила планиран бомбашки напад непосредно пред настанот, со што избегната е огромна трагедија. Според официјалното соопштение на Граѓанската полиција на Рио де Жанеиро, во координација со Министерството за правда, заговорот бил организиран од радикализирана група која онлајн регрутирала млади, вклучително и малолетници, за координирани напади со импровизирани експлозиви и молотови коктели.

Групата користела кодиран јазик преку дигитални канали и ширела содржина со говор на омраза, промовирајќи самоповредување и насилство како форма на припадност. Таргетирани биле токму обожавателите на Лејди Гага, познати како „Мали чудовишта“, според податоците од сајбер лабораторијата на министерството, кои биле добиени по дојава од разузнавачките служби.

Операцијата за спречување на нападот, наречена „Лажно чудовиште“, резултирала со откривање на повеќе дигитални ќелии активни во регрутирање и радикализација на тинејџери. И покрај заканата, концертот на Лејди Гага се одржа во полн сјај. Настанот започна околу 22:10 часот по локално време со песната „Bloody Mary“, пречекана со громогласни овации од публиката. Масовната публика танцуваше и пееше на плажата, а пејачката им се обрати со зборовите:

„Вечерва создаваме историја… ви благодарам што создавате историја со мене“.

Концертот привлече обожаватели од целиот Бразил, но и од странство. Според градските власти, повеќе од 500.000 туристи пристигнале во Рио во деновите пред настапот. Безбедносниот план вклучувал над 5.000 припадници на армијата, полицијата и пожарникарските служби, а поставени беа 16 звучни кули по должината на плажата за да се обезбеди аудио покриеност за милионската публика.

Градот Рио има традиција на масовни концерти на Копакабана, концертот на Мадона во 2024 година привлече околу 1,6 милиони луѓе, а рекордот го држи Род Стјуарт, чииот новогодишен концерт во 1994 година собра дури четири милиони посетители.