Епидемиологот и поранешен министер за здравство, Драган Даниловски тврди дека нема потреба од страв и паника меѓу населението во Македонија откако во соседството се појави случај на метапневмовирус. Според Даниловски, во моментов во умерените климатски подрачја на планетава, на северната хемисфера вообичаено е трендовите на акутните респираторни инфекции да се зголемуваат во овој период од годината.
Појаснува дека овие зголемувања обично се предизвикани од сезонскиот грип, респираторниот синцицијален вирус (RSV) и други вообичаени респираторни вируси, во кои спаѓа и човечкиот метапневмовирус (human metapneumovirus – HMPV), како и „mycoplasma pneumoniae“.
-Оттаму, извештаите во медиумите за зголемен број хоспитализации во Кина, наводно, заради инфекции со НMPV, не се докрај точни, зашто таму зголемен е бројот и на сите други респираторни вируси! Како што е сосема вообичаено во зима.
Патем, НMPV воопшто не е нов вирус (како што беше короната)! Тој е дел од „коктелот“ респираторни вируси кои се „добри познајници“ на човекот, отсекогаш, објави докторот.
Според Даниловски, човечкиот организам веќе има воспоставено одбранбени механизми против него.
-Што значи, исто така, дека сите треба да бидеме апсолутно спокојни! Место за страв од нова пандемија нема! А вознемирувачките написи во порталите – игнорирајте ги! Мерките за превенција и третман се сосема исти како за обичните настинки, стои во објавата на професорот.
Метапневмовирусот се пренесува преку близок контакт. Смртноста е пониска од грипот.
Специфичен третман за лекување на метапневмовирусот нема. Лекарите велат дека не станува збор за сериозен вирус, бидејќи се смета дека предизвикува релативно лесна респираторна инфекција. Портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ исто така вчера потврди дека метапневмовирусот не се очекува да биде нов Ковид-19. Според него, вирусот е стар и вообичаено циркулира во зимските месеци. Тој е дециден дека не треба да се крева паника дека ова ќе биде нешто налик на 2020 година кога избувна пандемијата со коронавирусот.
Како што јавија грчките медиуми, во соседна Грција е регистриран првиот потврден случај на метапневмонија, односно на вирусот ХМПВ. Пораките од тамошните водечки научници се смирувачки – нема простор за паника бидејќи станува збор за познат вирус.
Според грчкиот национален радиодифузер ЕРТ, случајот е регистриран на подрачјето на Солун кај 71-годишен маж, кој бил хоспитализиран и интубиран во болницата „Папаниколу“ со симптоми на пневмонија.