Се открива измамничка шема – жртви се постари лица, им се јавуваат строго на фиксен

Последниве денови во билтенот на МВР постојано се пријавувани добро познатите измамници кои „оперираат“ исклучително со постари лица, притоа „продавајќи им ја приказната“ дека близок член на нивно семејство направил сообраќајка со смртни последици. Бараат пари, најчесто се претставуваат како полицајци, и се нудат да го спасат оној кој ја сторил сообраќајката, да не оди во затвор.

На шести, овој месец 80-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 615.000 денари.

Како што информираат од МВР „лицето телефонски ѝ се јавило и се претставило како полициски службеник кој работел во Германија, каде живеела и нејзината ќерка.

“И кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која прегазила дете кое починало и доколку не сака таа да лежи во затвор, требало да плати, се наведува во информацијата од МВР.

Како што е пријавено, таа подигнала пари од банка и ги оставила на договореното место, а подоцна откако се слушнала со нејзината ќерка сфатила дека била измамена“.

Веќе наредниот ден, 91-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 300.000 денари.

Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзиниот внук и неговата сопруга предизвикале сообраќајна несреќа во која прегазиле дете и доколку не сака тие да лежат во затвор требало да плати. Како што е пријавено, таа ги оставила парите на договореното место, а откако се слушнала со нејзината снаа сфатила дека била измамена.

„Фокус“ открива како изгледа шемата на измамниците кои пред два дена имаа неуспешен обид кај семејство од скопска Кисела Вода.

Во претпладневните часови, непознат машки глас му се јавил на 82-годишен скопјанец (името и презимето познати на редакцијата) на фиксен телефон. Му рекол дека е зетот за ќерка му, се разбира прикривајќи го гласот, па му вели „Направивме беља. Ќерка ти (го кажува нејзиното име) прегази дете, мигрант“.

Веднаш потоа врската се прекинува. Скопјанецот целиот во шок.

Набрзо потоа, му се јавува друг непознат машки глас, се претставува дека е полициски службеник, му посочува дека може да ја спаси ќерка му (инаку се работи за 44-годишна жена вработена во казино, работи во три смени) да не оди во затвор. Тој му бара точно 8.800 евра.

Тогаш за првпат се јавува сомнеж дека можно е да се работи за измама.

Скопјанецот му вели дека неговата сопруга има некоја заштеда (споменува сума од 5.000 евра), му ја дава да се чујат на телефон, а тој во меѓувреме бара помош од снаата да се слушне со луѓето, за подобро да се разберат. По неколку моменти, откако снаата започнува разговор со непознатиот човек на телефон, врската се прекинува.

Семејството случајот го пријавува во полиција, доаѓа екипа на терен, но оттаму велат дека не можат да влезат во трагата на измамниците затоа што се јавуваат исклучително на фиксен телефон.

Оваа разработена шема функционира во земјава со години, мета се повозрасни лица.