– По 11 месеци преговори, компанијата што планира да инвестира во електрични автомобили во Тетово, потпиша договор со три локални градежни компании за изградба на објектот. Во моментов се очекува Владата да даде согласност за договорот за закуп на земјиштето, најави директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони , Јован Деспотовски.
Како што оцени Деспотовски, работите течат, но не со посакуваната динамика.
„Во моментов „топката“ е на теренот на Владата. Очекуваме согласност за закуп на земјиштето во наредните недели. Веднаш потоа ќе биде наша обврска, на Дирекцијата, соодветно да го подготвиме земјиштето. Теренот, целата тамошна област е во опасност од поплавување. Работите се движат, но не со посакуваната динамика. Подготвителните работи се веќе завршени, извршено е испитување на почвата. Практично, работите се почнати, но, сепак, кога ќе видиме багери и градежни машини на локацијата, тогаш можеме да кажеме дека, да, активностите се започнати“, нагласува Деспотовски.
Владата пред една година склучи договор со „Некст.Е.ГО мобиле“ за државна помош за нова инвестиција со која се предвидува целосно производство на електромобили е.ГО во ЗЖТИ Тетово.