Израелската армија го опколи бегалскиот камп Џабалија на северот на Газа, каде 100.000 луѓе се без функционална болница, им се заканува глад, а ситуацијата е катастрофална поради интензивното гранатирање.
Израелската армија го опколи бегалскиот камп Џабалија и додека фокусот на нејзината копнена офанзива се чини дека е на југ, таа истрела стотици тенкови гранати врз северниот камп во Газа каде 100.000 луѓе се без функционална болница и се во опасност од глад.
Ситуацијата во најголемиот бегалски камп е исклучително тешка, израелски тенкови го опколија густо населената област.
Локалните власти управувани од Хамас соопштија дека се уште има околу 100.000 луѓе во бегалскиот камп кои немаат функционална болница и се во опасност од глад.
Ниту една помош не стигна до северот откако се распадна хуманитарното примирје, а многу малку храна и гориво беше дозволено додека траеше.
Педесет и шестгодишната Ханан Алтурок, мајка на осум деца, која живее во близина на Џабалија, сведочи за катастрофалната состојба и стравува дека нејзините деца ќе умрат од глад.
– За време на прекинот на огнот се преселивме во болница, мислевме дека е побезбедно од мојата куќа, но вчера гранати паднаа внатре во местото и моравме да трчаме под оган – изјави таа за Би-Би-Си.
– Мојот сопруг Махер беше убиен на 29 ноември додека се обидуваше да купи храна на локалниот пазар, не знам што да правам и каде да одам, немам пари и храна, а многу малку вода за пиење.
– Се плашам дека моите деца ќе умрат од глад – рече таа.
Главниот администратор на Министерството за здравство на Хамас, Др. Мунир Ал Бурш рече – Вчера ископавме масовна гробница на пазарот Џабалија за повеќе од 100 маченици, чии тела загинаа во опколената болница Камал Адван.
– Ниту една северна болница не е во функција, вклучително и последната функционална болница Камал Адван, која беше силно бомбардирана од артилериски гранати – рече тој.