Се повлекуваат најскапите нотарски такси, граѓаните нема да плаќаат 10 пати повеќе

Повлекување на одлуката за зголемување на нотарските такси денеска на прес-конференција најави министерот за правда Игор Филков. Одлуката што ја донесе неговиот претходник Кренар Ллога требаше да стапи на сила од 1 септември, а со неа десеткратно да се зголемат цените на нотарските услуги.

„Ова нема да се случи, затоа ќе ги повлечам измените за новата давачка. Тоа не функционира така. Народот да не плаќа нешто 10 пати повеќе, односно да не се носат одлуки без широка дебата, без да се слушне што мислат сите заинтересирани за тоа“, рече Филков.

Одлуката беше донесена во февруари и дури по изборите, односно на 6 јуни техничката влада даде одобрение, а потоа излезе во Службен весник.

Според министерот Филков, никој не ја информирал јавноста за одлуката и процесот на нејзино одобрување бил таен.

„Треба да има сериозна анализа за промената на цената по која било основа. Мора да има дефинитивна потреба од сериозно поскапување, како што предвиде претходниот министер, кој од неразбирливи причини турка агенда за поскапување“, додаде Филков.

Министерот предупреди и на дебата за ова прашање за да не бидат оштетени ниту граѓаните ниту нотарите./