Најмалку 66 лица загинаа, а 51 се повредени во пожар што избувна во хотел во ски-центар на планината Болу во северозападна Турција, објави во вторник турската телевизија.
Гости во паника среде ноќ скокнаа од прозорците на зградата на хотелот во ски-центарот, изјави министерот за здравство Кемал Мемишоглу, а на социјалните мрежи се појавија драматични снимки од бели хотелски чаршафи кои висат од прозорците, а луѓе се спуштаат по нив.
За жал, најмалку две лица го загубија животот откако скокнале од повисоките катови во обид да се спасат од пожарот.
Според очевидци, aлармот за пожар не се огласил, што уште повеќе ја отежнало евакуацијата на гостите.
Алармот не се вклучи, луѓето скокаа низ прозорците
Пожарот избувнал околу 3:30 часот по локално време на подот каде што се наоѓа ресторанот.
Зградата на хотелот Гранд Картал има 11 ката, а во моментот на пожарот во неа престојувале 234 гости, а популарниот ски-центар бил преполн со семејства со деца.
На местото на несреќата пристигнаа 30 противпожарни возила и дваесет и осум возила за итна помош, а вкупниот број на возила за интервенција достигна осумдесет и пет, а во акцијата учествуваа 267 припадници на спасувачките служби.
Гаснењето на пожарот беше особено напорно поради локацијата на хотелот, кој делумно е изграден на карпа, додека дополнителна отежнувачка околност беше дрвената обвивка од надворешната страна на хотелот, која го забрза ширењето на пожарот.
Неколку противпожарни возила сè уште се пред уништената зграда.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази длабока тага за трагедијата и нареди итна мобилизација на сите надлежни служби. Министрите за внатрешни работи, здравство, култура и туризам пристигнаа на местото на несреќата за да ги координираат напорите за спасување.