На социјалните мрежи почнаа да се појавуваат видеа од последиците од масовниот ирански ракетен напад врз израелските градови, првенствено Тел Авив и Хаифа.
Според достапните информации, нападите предизвикале сериозна материјална штета, а некои населби изгледаат целосно уништени.
Израелските медиуми јавуваат дека најмалку десет локации низ земјата биле погодени, а особено погодени се делови од западен и централен Израел. Експлозии се пријавени во неколку градови, а службите за итни случаи и медицинските екипи се на терен.
Нападот следеше по синоќешното бомбардирање на нуклеарните постројки на Иран, кое, според Техеран, било извршено со поддршка на Соединетите Американски Држави.
Како одговор, Иран лансираше најмалку 30 балистички ракети, поделени во два брана – првиот од 22 ракети и вториот од пет, со неколку дополнителни ракети во пократки интервали.
Иако израелските одбранбени сили активираа системи за пресретнување, неколку ракети сепак успеаја да ја пробијат одбраната и да погодат целни локации, вклучувајќи ги и густо населените урбани области во Тел Авив и Хаифа.
Ова е досега најсериозната ескалација во директниот конфликт меѓу Иран и Израел, што дополнително ги продлабочува регионалните тензии и предизвикува загриженост кај меѓународната заедница. Деталите за бројот на жртви и обемот на штетата сè уште не се официјално потврдени.