Се прави нова реонизација на штипските училишта, со цел да се избегне сегрегација

 – По пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур за сегрегација во две училишта во Штип и Битола, Општина Штип повторно прави обиди да го реши проблемот со формирање на чисти ромски паралелки во Општинското осново училиште (ООУ) „Гоце Делчев“. Раководителката на Секторот за образование во Општина Штип, Снежана Санева вели дека се прави нов План за реонизација на училиштата, а какошто вели и самиот  Закон дозволува можност за сегрегација. Од една страна пропишува да се почитува реонизацијата, а од друга страна не го ускратува правото родителот сам да одбере во кое училиште ќе учи неговото дете. Затоа Општината изготвува Акциски план чија примарна цел е да ги распредели учениците Роми и во другите основни училишта освен во училиштето „Гоце Делчев“, а овде да се добијат повеќе мешани паралелки.

-Конкретни активности од овој Акциски план се донесување на Акт за нова реализација за основните општински училишта, што би значело нова распределба на реоните во градот со што би се добило ново оптимално и правилно распоредување на учениците. Посебно би се очекувало опфат на деца од македонска националност во „Гоце Делчев“ и деца од ромска националност во останатите општински училишта. Втората активност е дополнување на Правилникот за запишување, а третата активност е спроведување на јавна трибина со цел менување на јавната перцепција на ООУ „Гоце Делчев“ како ромско училиште“, вели  Санева.

 Локалната власт и со  претходната реонизација имала обид за решавање на проблемот, но како таква не го решила, туку само го продлабочила. Сега во училиштето „Ванчо Прке“ има проширување на реонот кон населбата Леваци, дел од улиците „Пиринска“ и „Сутјеска“ влегуваат во училиштето „Тошо Арсов“, а компромисно решение има и помеѓу училиштата „Гоце Делчев“ и „Димитар Влахов“ во однос на делот кој е претежно со ромско население. Проблемот кај „Димитар Влахов“, пак, е тоа што реонот е најгусто населен и училиштето брзо се пополнува, па прашање е дали во наредните години ќе може да ги прими сите ученици. Проблемот со одлевањето на учениците од македонска националност од училиштето „Гоце Делчев“, а со тоа и формирање чисто ромски паралелки се зголемил во учебните години 2017/2018 и 2018/2019. Во првата биле создадени три паралелки во прво одделение, од кои две мешани и една само со Роми. Тогаш процентот на ученици Роми бил 64, а следната 67 во една паралелка.  Судот во Стразбур констатирал дека дискриминација има, но не е по вина на училиштетот и општината. Лани дел од родителите кои според адресата на живеење требаше да ги запишат децата во училиштето „Гоце Делчев“ ги менуваа и личните карти, односно се префрлаа дека живеат на други адреси.По пресудата од Европскиот суд за човекови права државата треба да ги подмири трошоците во висина од 1. 200 евра по лице, а ваква Одлука има за уште едно училиште во Битола.