Од почетокот на месецов до денеска, кумановската противпожарна единица интервенирала на 37 пожари, од кои 22 се случиле на отворено, информираа денеска од ТППЕ.
-Од почетокот на месецот имаме 37 интервенции, на неколку опожарени куќи, архивата на кумановскиот суд, стан, а останатите се интервенции на отворено, изјави заменик командирот на ТППЕ Куманово, Борис Станковски.
Вчера во Кумановско и Липковско гореше поголема површина на стрништа, сува трева и жито, а беше зафатена и кровна конструкција на викенд куќа во близина на Романовце.
Три екипи на противпожарната единица со три возила и единаесет пожарникари интервенираа на потегот помеѓу кумановските села Агино, Брзак, Романовце и скопското Дељадровце. Други екипи две возила и петмина пожарникари гасеа пожар во атарот помеѓу липковско Лојане и кумановското Табановце. Пожарникарите ги гасеа пожарите неколку часа.
Претходно и кумановската полиција и подрачната единица на ЈП „Национални шуми“ почнаа со засилени превентивни активности и делење летоци на граѓаните за зголемување на свеста од опасноста од предизвикување пожари. Од институциите апелираат граѓаните да бидат внимателни особено во претстојниот период и да не палат оган на отворено, стрништа, пасишта и сува вегетација, да не фрлаат догорчиња и отпушоци.