Се спрема хаос: евакуирани 800.000 луѓе

Во Бангладеш речиси 800.000 луѓе се евакуирани од загрозените подрачја пред пристигнувањето на силниот циклон што се формира над Бенгалскиот залив, објави Министерството за вонредни ситуации на земјата.

Жителите на крајбрежниот дел на Бангладеш се евакуирани во 4.000 засолништа, а поради претстојното невреме затворени се сите училишта во регионот, пренесе АП.

Се очекува доцна вечерва невремето да го препне Бангладеш и брегот на Западен Бенгал во Индија. Индискиот метеоролошки оддел соопшти дека се очекува ветровите да достигнат максимална брзина од 120 километри на час со удари до 135 километри на час.

Поради невремето ќе биде затворен аеродромот во градот Калкута во Западен Бенгал, а во Бангладеш аеродромот во југоисточниот град Чатограм. Ова е првиот циклон во Бенгалскиот залив пред овогодинешната сезона на монсуните, која трае од јуни до септември.