Повеќе од 3.500 луѓе умираат секој ден од вирусот на хепатитис, предупреди Светската здравствена организација, повикувајќи на решителна и брза акција во борбата против вториот најголем убиец меѓу заразните болести.
Новите податоци од 187 земји покажаа дека бројот на смртни случаи од вирусен хепатитис се искачи на 1,3 милиони во 2022 година, 200.000 повеќе од три години претходно, се вели во извештајот на СЗО објавен на маргините на Светскиот самит за хепатитис во Португалија оваа недела.
Ова се „алармантни трендови“, рече на прес-конференција Мег Доерти, шеф на глобалните програми на СЗО за ХИВ, хепатитис и сексуално преносливи инфекции.
Меѓу починатите од хепатитис, 83 отсто подлегнале на хепатитис Б, а 17 отсто на хепатитис Ц.
Постојат ефективни и евтини генерички лекови кои можат да ги третираат.
Сепак, само три проценти од оние со хроничен хепатитис Б добиле антивирусна терапија до крајот на 2022 година, се вели во извештајот.
Само 20 проценти или 12,5 милиони луѓе биле лекувани од хепатитис Ц.
„Овие резултати се далеку под глобалните цели за 2030 година за лекување на 80 отсто од сите пациенти кои живеат со хроничен хепатитис Б и Ц“, рече Доерти.
„Податоците се загрижувачки“
Шефот на СЗО, Тедрос Гебрејесус, нагласи дека податоците од извештајот се „загрижувачки“.
„Иако бројот на инфекции паѓа на глобално ниво, смртноста се зголемува бидејќи премалку луѓе со хепатитис се дијагностицираат и лекуваат“, рече тој.
Африка е одговорна за 63 отсто од новите инфекции со хепатитис Б, но сепак помалку од 20 отсто од новородените бебиња се вакцинирани таму, се вели во извештајот.
СЗО, исто така, истакнува дека погодените земји немаат пристап до генерички лекови за лекување и честопати плаќаат за нив повеќе отколку што треба.
Според извештајот, две третини од сите случаи на хепатитис се регистрирани во Бангладеш, Кина, Етиопија, Индија, Индонезија, Нигерија, Пакистан, Филипини, Русија и Виетнам.
„Универзалниот пристап до превенција, дијагноза и третман во тие 10 земји до 2025 година е од суштинско значење за да се врати глобалниот одговор на хепатитисот на вистинскиот пат, со зголемени напори во африканскиот регион“, се вели во соопштението на СЗО.
Вирусниот хепатитис е вториот најголем убиец меѓу заразните болести, веднаш по туберкулозата.