– Над 2,5 милиони луѓе се удавиле во последните 10 години, се наведува во извештајот на Светската здравствена организација (СЗО) по повод 25 јули, Светскиот ден на превенција од давење.
Вложувањата во едукацијата за пливање во претшколските установи и давањето основни обуки за пливање на децата од школска возраст би можеле да спасат милиони животи, се вели во извештајот на СЗО.
Според овој извештај, годишно во просек се дават 236.000 лица.
„Давењето е потценет, но смртоносен здравствен проблем. Над 2,5 милиони луѓе се удавиле во последните 10 години. Загрижувачко е тоа што околу 90% од тие настани се случиле во земји со ниски и средни приходи. Стапката на давење е најголема кај децата на возраст од една до девет години. Тоа покажува дека треба итно да дејствуваме на ова подрачје за да ги заштитиме следните генерации“, наведуваат од СЗО.
Нови глобални вложувања во ова подрачје би можеле да спасат повеќе од 774.000 детски животи до 2050 година и да спречат трајни штети на повеќе од милион луѓе што се во опасност од давење.
Во извештајот се вели и дека овие вложувања би можеле да спречат економски загуби од над 400 милијарди долари во земјите со ниски и средни примања и да дадат кумулативна придобивка од приближно девет долари на секој вложен долар.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, изјави дека спроведувањето ефикасни превентивни мерки за спречување давење, зголемувањето на инвестициите и подигнувањето на свеста би можеле да спасат голем број животи.
„Очекуваме дека земјите и партнерите ќе се здружат со цел превенцијата од давење да стане глобален приоритет“, истакна Гебрејсус.