СЗО: 1,5 милион луѓе годишно умираат во Европа од тутун и преработена храна

Светската здравствена организација (СЗО) ги повика владите да воведат построга регулатива за производите што се штетни за здравјето, бидејќи извештајот на СЗО покажа дека тутунот, алкохолот, преработената храна и фосилните горива убиваат околу 2,7 милиони луѓе годишно во Европа.

Како што пишува Гардијан, во споменатиот извештај, СЗО навела дека индустриите за тутун, алкохол и преработена храна поттикнуваат лошо здравје, па дури и прерана смрт, користејќи маркетинг и на тој начин се мешаат во напорите на светските влади да спречат болести кои можат да бидат фатални, како што се рак, срцеви заболувања и дијабетес.

Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Анри Клуге, рече дека тактиките на индустријата вклучуваат искористување на ранливите луѓе преку насочени маркетинг стратегии, доведување на потрошувачите во заблуда и лажни тврдења за придобивките од нивните производи или нивните еколошки акредитиви.

Новиот извештај покажува дека тутунот, фосилните горива и алкохолот се одговорни за повеќе од 7.400 смртни случаи што се случуваат секој ден во 53 европски земји.

„И покрај здравствените ризици, само мал број европски земји го забранија пушењето на јавни места, додека напорите да се направат штетните производи помалку привлечни преку обична амбалажа, оданочување на алкохол и означување на храната исто така не се спроведени во повеќето земји“, наведено е во извештајот на СЗО.

СЗО проценува дека тутунот предизвикува повеќе од милион смртни случаи годишно, што е 10 отсто од сите смртни случаи во Европа.

Алкохолот предизвикува повеќе од 400.000 смртни случаи годишно, а повеќе од 350.000 луѓе годишно умираат од конзумирање премногу преработено месо, слатки пијалоци и масна и солена храна.

Светскиот фонд за истражување на ракот ги повика луѓето да јадат повеќе вегетаријанска храна и да го ограничат пиењето за да го намалат ризикот од добивање на болеста.

„Истражувањата покажуваат дека јадењето разновидна храна од растително потекло, интегрални житарки, овошје и мешунки, како и ограничувањето на потрошувачката на алкохол, се ефективни начини за намалување на ризикот од рак“, рече менаџерката за политика и односи со јавноста на Светскиот фонд за истражување на ракот, Кендра Чоу.