Силјановска-Давкова го честита 28 септември – Меѓународниот ден на Бошњаците

Претседателката на земјата, Гордана Силјановска-Давкова, по повод 28 септември – Меѓународниот ден на Бошњаците, им упати честитки на сите сограѓани од бошњачката заедница.

„Овој значаен празник е симбол на стремежот за афирмација на идентитетот, традицијата и вредносниот систем на Бошњаците, како составен дел од културниот и политичкиот простор на Балканот. Несомнено, прославата на овој датум е потсетник дека животот на која било заедница добива целосна смисла само кога е препознаена, почитувана и вреднувана во општеството“, се вели во честитката од Силјановска-Давкова.

„Во модерна и демократска држава, каква што се стреми да биде нашата Република, местото на секоја етничка заедница не е маргинално, туку суштинско: во процесите на соживот, граѓанска кохезија и посветена работа за подобра иднина. На крајот на краиштата, вистинскиот напредок на едно општество не се мери само со економски параметри, туку и со степенот на почитување и вклучување на сите негови граѓани, без оглед на етничката, религиозната или културната припадност. Во оваа смисла, Меѓународниот ден на Бошњаците е и можност за размислување, да се потсетиме дека заедницата не е само политички идеал, туку практична и суштинска потреба за стабилност и хармонија во општеството. Ова бара меѓусебна доверба, искрен дијалог и отвореност кон различноста, вредности што нашите граѓани отсекогаш ги имале и продолжуваат да ги негуваат и развиваат.
Нека денешниот празник биде инспирација за продолжување на заедничкиот пат кон општество со еднакви можности, достоинство и шанси за сите. Им посакувам на Бошњаците, но и на сите сограѓани, празник исполнет со гордост, радост, среќа и позитивни мисли. Среќен 28 септември – Денот на Бошњаците“, се вели во честитката од Силјановска-Давкова.