Претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, порача дека не треба да се менува химната на државата, а дека има дилема околу отворањето на прашањето за грбот бидејќи тоа може да донесе нов конфликт.
„По распадот на Југославија, сите земји ги сменија државните симболи. Ако ме прашувате за химната, апсолутно нема потреба да се менува химната. Химната никогаш не ја претставува сегашноста, таа секогаш претставува историска меморија, генеза и немаме право да ја менуваме“, рече Силјановска.
Во однос на грбот, Силјановска рече дека сегашниот грб повеќе ја претставува географијата на државата отколку историска нота.
„За грбот, пред сè, тоа е повеќе географска работа отколку која било историска нота. Но, јас имам свои дилеми во моментов околу отворањето на ова прашање.
Кај нас, кога и да почнеме да разговараме за вакви прашања, етнички, симболични, тоа го правиме со голем страв и не ни оставаме време да се соочиме со вистинските дилеми. И поради ова се плашам да не влезам во нов конфликт“, изјави Силјановска.