Претседателката Гордана Силјановска-Давкова очекува членовите на Судскиот совет да поднесат оставки. Ова е апел за морал, изјави денеска претседателот, бидејќи тие се избрани не за да бидат судски скандалисти, туку да спречат какво било скандализирање на независната правда.
Според Силјановска-Давкова, треба да има правни механизми кои ќе овозможат регрутирање на најдобрите во вакви тела, наместо да се става акцент на политизација и партизација.
Претседателката не верува во податоците до кои излегоа судиите, дека довербата на граѓаните во судството е 20 отсто, а одговарајќи на новинарско прашање го потенцираше и „македонскиот парадокс“, дека нема крај на интерпелациите во земјава.
„Одамна, можеби меѓу првите, заедно со коалицијата за фер процес ја потенцирав можноста за интерпелација. Точно е дека механизмот за интерпелација во компаративното уставно право се однесува на одговорност на министрите, но нашиот Устав ја признава и за сите избрани и именувани функционери. Првиот чекор беше гласањето, отфрлањето на Извештајот од страна на Судскиот совет, што веќе е чекор кон делегитимирање на Судскиот совет. Вториот чекор е интерпелацијата. Ако крајот го судиме по почетокот, резултатот е јасен, бидејќи ми се чини дека 67 пратеници ја поддржаа иницијативата, додека мнозинството е 61. Значи, резултатот е однапред познат“, потенцираше Силјановска-Давкова по манифестацијата „Глобален женски појадок 2025“.
Таа нагласи дека голем дел од досегашните членови на Судскиот совет не ги исполнуваат законските услови.
„Доколку го препрочитате Законот за судски совет, ќе видите дека многу од сегашните членови на Судскиот совет не ги исполнуваат ни условите наведени таму, што треба да биде гаранција за важност како 15-годишно искуство во правната област, докажано искуство, професорска позиција, стручност, компетентност“, додаде претседателката.