Претседателката Гордана Силјановска Давкова во годишниот говор пред Собранието истакна дека единствено можно решение за надминување на спорот со Бугарија ќе бидат уставните амандмани со задоцнет ефект дефинирани во Уставниот закон за спроведување на уставните измени. Силјановска рече дека ова ќе биде ситуација „вин-вин“ бидејќи, како што истакна, ќе се исполни барањето на Бугарија.
Таа повика на единство во насока на евроинтеграциите и на консензус меѓу власта и опозицијата за заеднички државни интереси.
„Ние предложивме решение дури и за нерационално барање. Со креативно толкување на Рамката за преговори, односно заклучоците, сметаме дека единствено можно решение би биле уставните амандмани со задоцнет ефект, утврдени во Уставниот закон за спроведување на амандманите, кој неколкупати го применувавме. Во овој случај „vacatio legis“ би обврзувал, па амандманот би стапил во сила по завршувањето на нашите преговори и ратификацијата на Договорот за наше членство во ЕУ. Ова би било добро решение за Бугарија, бидејќи би го исполнила нејзиното барање, но подоцна, а во меѓувреме, би ни помогнало во евроинтеграциите, во духот на Преамбулата на Договорот за добрососедство и пријателство, свесни дека што побрзо ќе завршат нашите преговори, толку побрзо ќе се постигне целта“.
„За нас победата би била можност да се справиме со европските реформи, наместо со балканските пречки и би побрзале да ги завршиме преговорите. Зајакнатото пријателство и докажаното добрососедство би биле победа за двете земји“, нагласи Силјановска-Давкова.