Синдикатите бараат зголемување на минималната плата на 500 евра

На 5 дена пред конечното усвојување на новата минимална плата, работниците и компаниите сè уште не знаат колкава ќе биде таа.

Синдикатите бараат зголемување на минималната плата на 500 евра, сметајќи дека сегашниот износ не е доволен за покривање на основните потреби на работниците. Од “Гласен Синдикат“ велат доста зборуваме за минимална плата, време е да почне да се зборува за плата за живот.

Од Организацијата на работодавачи пак, велат дека законското услогласување на минималецот согласно новата методологија, од 22.500 на 24.400 денари не би требало да предизвика некои поголеми проблеми во работењето на компаниите.

Ќе извиси ли предлогот од страна на Стопанската Комора на Северозападна Македонија, за зголемување на минималната плата на 500 евра, под услов државата да ги покрие зголемените придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, ќе се знае најверојатно во март, кога и треба да биде донесена конечната одлука за висината на минималната плата. Инаку, сегашниот минималец, кој изнесува 22.500 денари е сума што ја става земјава на дното по висината на минималецот, во споредба со државите од регионот.

Во март треба да се случи законското зголемување на минималната плата што ја најави министерот Дурмиши – од сегашните 22.567 денари на 24.400 денари. Лани во регионот најнизок минималец од 316 евра имаа работниците во БиХ, но владата на федерацијата одлучи минималната плата во тековнава 2025 година да се зголеми на 511 евра. Косово пред половина година го зголеми минималецот на 350 евра. Најниската плата во Албанија е околу 400 евра, а во Србија е 450 евра. Од земјите во Европската Унија, најниската плата е во Бугарија и изнесува 477 евра, а највисока минимална плата се исплатува во Луксембург од 2.571 евро.