– Синдикатите во Франција денеска повикаа на повторни протести во сабота против пензиската реформа што ја бара претседателот Емануел Макрон.
Синдикатите повикаа на протести во сабота, како и на 16 февруари и 7 март.
Ова е првпат од почетокот на протестите против зголемувањето на законската старосна граница за пензионирање од 62 на 64 години, синдикатите да повикаат на протест во текот на викенд.
– Во сабота, се надевам дека ќе биде ден за протести кој е погоден за семејствата, како и за луѓето од различни сфери, изјави генералниот секретар на ЦФДТ Лоран Берже.
Планирани се повеќе од 200 акции низ Франција, кои ќе соберат до 700.000 луѓе надвор од Париз, според француските власти.
Во вторникот се одржа протест со малку помал број собрани во однос на претходните собири кога имаше повеќе од милион луѓе, информира полицијата. Организаторите тогаш рекоа дека имало речиси двојно повеќе луѓе.
Француската премиерка Елизабет Борн денеска повторно ја бранеше реформата за која расправаат пратениците во Долниот дом на Парламентот. Таа рече дека реформата има за цел да ја обезбеди иднината на пензискиот систем.
Сепак, француската Влада нема апсолутно мнозинство во парламентот за нејзината реформа да биде усвоена и затоа смета на поддршката на традиционалната десница, но оваа поддршка сè уште не е сигурна.