Италијанскиот тенисер Јаник Синер денеска со чудесен пресврт го победи Данило Медведев во големото финале на Австралија опен и го освои својот прв Грен слем турнир во кариерата.
Успехот на Синер му донесе најголема заработка досега на Австралија опен, бидејќи со титулата заработи рекордни 2,8 милиони евра, додека поразениот Медведев доби 1,4 милиони евра.
Тениската јавност ја заинтригира и приказната за тренерот на Синер, кој во тениските кругови го нарекуваат „најостриот ум на светот“, а тоа е Австралиецот Дарен Кејхил.
Кејхил работи со Синер помалку од две години и веќе успеа да го одведе до Грен слем титула и успех во кариерата.
Кејхил има 58 години и е поранешен тенисер кој во 1989 година беше на 22-то место на листата на најдобри играчи во светот.
Како тенисер освои две титули, но никогаш Грен слем турнир. Тој во 1987 година беше во полуфиналето на УС Опен, но не успеа да стигне до титулата, а по играчката кариера направи и одлична тренерска кариера.
Кејхил управуваше само со големи шампиони како Андре Агаси и Лејтон Хјуит, како и шампионката Симона Халеп.