Првото основно јавно обвинителство во Белград вчера по службена должност започна истрага против мајката на момчето со цел да се утврди дали има елементи на кривичното дело запуштање и малтретирање малолетно лице.
Таткото на момчето (13) кое го изврши масакрот во ОУ „Владислав Рибникар“ е во тешка психичка состојба во притворското одделение, не комуницира со други затвореници, ниту со персоналот на Централниот затвор, а во очај само спомнува што направил неговиот син.
Надлежните во Централниот затвор се свесни дека таткото на Коста е во многу тешка состојба и го држат под поголем надзор од другите притвореници. По цел ден седи во ќелијата и зјапа во подот, како постојано да ги репродуцира сцените од масовното убиство на неговиот син во училиште и да тоне се подлабоко во очај. Секогаш кога ќе успее да каже нешто само ќе промрмори тивко: „Сине, што направи, ни ги уништи животите, што ќе правиме сега, немаме животи. Нема ништо. Проклето стрелиште и пиштоли…“ – вели добро информиран извор.
Изворот додава дека освен целосна безнадежност, го изјадува и огромен срам.
-Знае дека за него и за неговиот син зборува цела непосредна околина, но и цела Србија и дека нема оправдување за направеното зло. Затоа решил да не разговара со никого, бидејќи смета дека зборувањето за тоа и слушањето туѓи коментари би ја влошило неговата состојба уште повеќе – објаснува изворот.