Вчера пред Вишиот суд во Белград продолжи граѓанската постапка покрената од семејството на ранетото момче кое го преживеа нападот на 3 мај 2023 година во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар во Белград.
Како што напиша српскиот портал „Курир“, постапката е покрената не само против момчето убиец, туку и против неговите родители, Владимир и Милјана Кецмановиќ, како и против самото училиште.
Мајката на ранетото момче на претходните судења сведочеше за сите шокантни детали од трагичниот настан, бидејќи судот одлучи да не дозволи јавноста да присуствува на сведочењето на нејзиниот син.
– Син ми ми се јави околу 08:45 кобниот ден кога излегол од училиште ранет и ми кажа дека е повреден. Иако беше ранет успеа да ми се јави, а до крајот беше во училницата, виде сè – како момчето пука, менува чаури, ги виде пријателите како лежеа мртви во училницата, а потоа излезе во ходникот и виде уште тела на деца – вели мајката на ранетото момче, кое учело во истиот клас со момчето кое било застрелано, па дури и седеле на иста клупа.
Мајката потоа пред судот во граѓанска постапка изјавила дека нејзиниот син „бил вознемирен“ по масакрот.
– Беше толку вознемирен што не се ни сеќава на сè. На видеото што подоцна го видов од безбедносните камери, тој беше ранет, пред да ми се јави, се врати на училиште и се обидуваше да им помогне на другарите, но не знаеше што да прави . Го зеде телефонот, излезе надвор и ми се јави – рекла видно потресената жена.
Според нејзините зборови, нејзиниот син чекал момчето убиец да скокне од прозорецот на училницата и дури потоа излегол од вратата од училницата.
– Неколку пати ми се јавија да ми кажат дека е ранет, едноставно не можев да поверувам, мислев дека овие работи се случуваат само во филмовите, но потоа сфатив дека се случила голема трагедија – рекла мајката.
Како што додала, нејзиниот син поминал три ноќи во болница, но неговото закрепнување сè уште трае.
– Кога ми ја дадоа неговата облека од болница, беа натопени во крв , а болницата долго време не знаеше што се случи со него. Знаев само дека е ранет, но жив, но не знаев дали е жив и ќе остане жив или дали е жив, но неговата состојба може да се промени за пет минути – рекла мајката и додала:
– Таа неизвесност ме убиваше. Ми кажаа дека е застрелан под коленото, многу плачев тој ден… Не му кажавме на син ми колку негови пријатели се убиени додека не излезе од болница.
Мајката на момчето вели дека сè уште има физички и психички последици.
– Се плаши од гласни звуци, едноставно не се чувствува безбедно, се плаши дека момчето убиец не е таму каде што е во таа институција или дека ќе биде ослободен, како и дека некои негови истомисленици ќе направат нешто такво. Знам само дека нашите животи никогаш нема да бидат безгрижни, ќе останеме во страв.
Таа додаде дека никогаш не ги запознала родителите на малолетникот кој го изврши масакрот во училиштето, но дека тој самиот секогаш изгледал фино и културно.
-Едноставно не можам да сфатам дека некој така го запоставува своето дете, дека не забележува проблеми и промени.
Инаку, пред вчерашната парница, во Вишиот суд во Белград, се одржа рочиште по тужбата на повредената наставничка Татјана Стевановиќ, кога беше сослушан обвинетиот татко на момчето убиец, Владимир Кецмановиќ.