– Поранешните министри во Владата на СИРИЗА и актуелни пратеници Ефи Ахциоглу, Ефклидис Цакалотос и Никос Папас, како и поранешниот министер од ПАСОК Стефанос Ѕумакас се четворицата кандидати за претседател на СИРИЗА, а партијата новиот лидер ќе го избере во септември.
На состанокот на Централниот комитет на партијата одржан во текот на викендот било одлучено партиските избори да се одржат на 10 септември, а доколку има потреба, вториот круг да биде шест дена подоцна, на 16 септември.
Дополнително, била донесена одлука во ноември да се одржи вонреден Конгрес.
По оставката на Алексис Ципрас од лидерската позиција на крајот на јуни, за привремен претседател на пратеничката група на СИРИЗА беше избран Сократис Фамелос и паралелно започнаа итни процедури во опозициската партија за избор на нов лидер.
Официјални кандидатури за претседател доставија поранешната министерка за труд и социјална политика Ефи Ахциоглу, поранешниот министер за финансии Ефклидис Цакалотос и поранешниот министер за дигитална политика Никос Папас сите од редовите на СИРИЗА, но и поранешниот министер од ПАСОК Стефанос Ѕумакас, кој на партијата и се приклучи во 2019 година.