Сирискиот Асад му нуди поддршка на Путин во конфликтот во Украина

На телевизиска средба во Кремљ, рускиот претседател Владимир Путин и лидерот на сирискиот режим Башар ал Асад разговараа и за економските односи и за последиците од земјотресите во Турција и Сирија.

Сирискиот Башар ал Асад му понуди поддршка на рускиот претседател Владимир Путин во конфликтот во Украина. 

На телевизиската средба со Путин во Кремљ во средата, Асад рече дека Русија се бори против „неонацистите и старите нацисти“ во Украина, според рускиот превод. 

Без да понуди докази, Асад рече дека Западот ги примил „старите нацисти“ и дека сега им дава поддршка.  

Киев и Западот велат дека руските обвинувања дека Украина станала жариште на нацизмот и „русофобијата“ се неоснован изговор за неиспровоцирана агресивна војна во Украина. 

Руската воена поддршка за Асад му помогна да го сврти бранот во разорната граѓанска војна која започна во 2011 година како продемократско движење.

Путин и Асад разговараа и за економските односи и за последиците од смртоносните земјотреси за време на нивната средба.

„И покрај сè, нашите односи се развиваат, вклучително и во економската сфера. Во текот на изминатата година е забележан раст од седум отсто во трговската размена“, рече Путин на заедничката прес-конференција.

Путин рече дека земјотресите во јужна Турција, кои беа почувствувани и во Сирија, ја влошија хуманитарната ситуација и Русија се обидува да обезбеди поддршка. 

Повеќе од 13 милиони луѓе во Турција се погодени од двата силни земјотреси што потресоа 11 провинции и според официјалните податоци загинаа повеќе од 48.448. 

Во земјотресите загинаа и 6.000 луѓе во Сирија, според ОН.