Сирија: Уапсен воен функционер одговорен за масовните егзекуции во озлогласениот затвор Седнаја

Сириските власти соопштија дека уапсиле поранешен воен функционер обвинет за егзекуција и мачење на затвореници во озлогласениот затвор Седнаја, еден од најмрачните симболи на владеењето на семејството ал-Асад.

Сириското Министерство за внатрешни работи објави дека Одделот за борба против тероризмот во покраината Дамаск го уапси генерал-мајор Акрам Салум ал-Абдула, кој беше командант на воената полиција во Министерството за одбрана помеѓу 2014 и 2015 година за време на владеењето на поранешниот режим.

Според соопштението, Абдула е директно одговорен за егзекуцијата на притворените лица во воениот затвор Седнаја, а тој е обвинет и за сериозни кршења на правата на притворените лица.

Затворот Седнаја, кој се наоѓа недалеку од Дамаск, со години беше синоним за тортура, масовни егзекуции и исчезнувања.

Организацијата Амнести Интернешнл го опиша како човечка кланица, а во извештај од 2017 година наведува дека убиства, тортура, присилни исчезнувања и истребување систематски се вршеле во таа институција од почетокот на војната во 2011 година.

Здружението на притвореници и исчезнати лица од затворот Седнаја проценува дека околу 30.000 луѓе се притворени во тој затвор од 2011 година, додека само 6.000 се ослободени.

Според Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија, повеќе од 200.000 луѓе ги загубиле животите во сириските затвори, главно преку егзекуции и тортура.

Сириската цивилна одбрана, позната како Бели шлемови, проценува дека помеѓу 50 и 100 луѓе биле погубувани дневно во Седнаја за време на најинтензивните периоди на репресија.