„Систина“ и „Жан Митрев“ со сите свои ресури се ставија на располагање за транспорт и прифаќање на повредените лица во трагичната несреќа во Кочани

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ соопшти дека со сите свои ресурси се става на располагање за транспорт и прифаќање на повредените лица од трагичната несреќа во Кочани. Оттаму информираат дека веќе е направен прием на неколку тешко повредени пациенти и дека болницата е во постојана координација со Министерството за здравство, подготвена да реагира онаму каде што е најпотребно, пренесува SkopjeInfo.mk

Според информациите, „Аџибадем Систина“ обезбедува 20 интензивни места за најкритичните пациенти, како и целосен медицински тим и капацитет неопходен за итен третман.

Во меѓувреме, и Клиниката „Жан Митрев“ соопшти дека нејзините врати се отворени за секого кому му е потребна медицинска помош, истакнувајќи дека дел од повредените веќе се згрижени во нивната установа. Од клиниката додаваат дека ставаат на располагање и амбулантни возила за транспорт до сите на кои им е потребна итна интервенција.

„Ова се моменти кога мора да останеме сплотени, да си помогнеме и да покажеме дека никој не е сам. Со мислите и срцата сме со повредените и нивните семејства. Во вакви ситуации, кога зборовите се немоќни да ја опишат болката, најважно е да бидеме заедно. Трагедиите нè потсетуваат дека човечноста, солидарноста и поддршката се најсилните нешта што ги имаме“, се наведува во соопштението од Клиниката „Жан Митрев“.