Сите го критикуваат Ферари а тие порачаа: „Беше само еден круг“

Првиот човек на Ферари, Фредерик Васер, се обиде да го одбрани тимот од јавни критики.

Ферари донесе контроверзна одлука за време на Големата награда на Мајами кога на Луис Хамилтон и на Шарл Леклер им беше наредено да ги заменат местата, а бидејќи одлуката беше одложена, Антонели избега од Хамилтон и му ја одзеде можноста да нападне за 6-та позиција.

Хамилтон беше многу лут и не го криеше тоа кога испрати пораки преку тимското радио со саркастична порака „да се напиеме чај додека размислат“.

Фредерик Васер, шефот на Ферари, верува дека од нивна перспектива не изгледало така.

„Не траеше долго, беше само еден круг, можеби круг и пол. А кога имате два болида кои не се на ист стратешки план, првото нешто што треба да го разберете е колку е побрзо и каква е ситуацијата со DRS. Сето тоа траеше минута, можеби минута и 30 секунди, а потоа побаравме да ги смениме позициите. Не гледам колку тимови реагираат на овој начин “, рече Васер, алудирајќи на брзата имплементација на Ферари.

Хамилтон не успеа да го нападне Мерцедес откако Леклер му ја даде позицијата, а податоците од телеметријата покажаа дека сетот гуми на Антонели бил доста истрошен, што исто така Ферари не успеа да го искористи.

После тоа, на Хамилтон му беше наредено да му ја врати позицијата на Леклер, што и Луис го направи.

„Нашата политика е ваква. Ако не им кажеме да ги сменат местата, никој нема да престигне никого. Кога ќе ги замолиме да направат нешто вакво, тоа значи дека веруваме дека некој е побрз во таа фаза од трката. Ако возачот не ја искористи предноста и не го престигне противникот, би било правилно да ја врати позицијата, што се случи кога Хамилтон не успеа да го престигне Антонели“, објасни Васер.

Навивачите на Формула 1 и навивачите на Ферари генерално не го гледаа настанот на овој начин. Ферари е најмногу критикуван за лоши одлуки и доцни реакции во врска со тактиките, но овој пат и за промена на позициите на возачите.

Доколку реагираше на време, Хамилтон ќе имаше шанса да го заобиколи Антонели – посвежи гуми, добро темпо.

Сепак, сето тоа е во доменот на теоријата.