„Сите сме Палестинци“ – над 100.000 луѓе маршираа во Сиднеј, се собраа на мостот

Илјадници луѓе денес маршираа преку иконскиот Харбор Бриџ во Сиднеј, и покрај дождот, повикувајќи на мир и помош за воено разурнатиот Појас Газа, каде што тешката хуманитарна криза се влошува од ден на ден.

Речиси две години по почетокот на војната во која, според Палестинската самоуправа, во Газа се убиени повеќе од 60.000 луѓе, владите и меѓународните хуманитарни организации предупредуваат дека населението страда од глад поради недостаток на храна.

Некои од оние што учествуваа на маршот, кој организаторите го нарекоа „Марш за хуманост“, носеа тенџериња и тави како симболи на глад.

„Доста“, рече Даг, човек во своите 60-ти години.

„Кога луѓе од целиот свет се собираат и проговоруваат, тогаш злото може да биде поразено“, додаде тој.

Марширачите беа од постари лица до семејства со мали деца.

Меѓу нив беше и основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.

Некои учесници мавтаа со палестински знамиња и скандираа „Сите сме Палестинци“.

Полицијата на Нов Јужен Велс и премиерот минатата недела се обидоа да го спречат протестот на мостот, градски обележје и главна сообраќајница, велејќи дека рутата би можела да предизвика безбедносни ризици и прекини во сообраќајот.

Но, Врховниот суд на државата вчера пресуди дека може да се одржи.

Затоа, полицијата соопшти дека распоредува стотици полицајци и повика на мирни протести.

Полицијата беше присутна и во Мелбурн, каде што се одржуваше сличен марш.