Насилството на окупираниот Западен Брег се зголеми откако Израел почна да го бомбардира Појасот Газа и да се судри со Хезболах на границата со Либан, што ја поттикна загриженоста дека палестинската територија може да стане трет фронт во поширока војна.
Израел води војна против милитантната група Хамас во палестинската енклава Појас Газа, од која израелските војници и доселеници се повлекоа во 2005 година.
Хамас, кој го контролира Појасот Газа, уби повеќе од 1.400 луѓе во ненадеен напад во Израел на 7. октомври, што предизвика израелско бомбардирање во кое загинаа 3.500 луѓе во Појасот Газа. Израел подготвува сеопфатен копнен напад врз Појасот Газа за да го уништи Хамас.
Западните земји кои го поддржуваат Израел стравуваат од поширока војна која ќе го вклучи Либан – со неговата исламистичка група Хезболах поддржана од Иран – како втор фронт, и Западниот Брег, кој израелските медиуми го нарекуваат потенцијален трет фронт.
Судирите меѓу израелските војници и доселеници и Палестинците веќе станаа смртоносни. Повеќе од 80 Палестинци се убиени во насилствата на Западниот Брег од 7. октомври, а Израел уапси повеќе од 900 луѓе. Нови рации беа извршени во ноќта од четвртокот кон петокот и во зори во петокот, а уште десетици беа уапсени.
Израелските сили во четвртокот извршија воздушен напад врз палестински бегалски камп на Западниот Брег, при што загинаа најмалку 12 лица, соопштија палестинските власти, а израелската полиција соопшти дека еден офицер е убиен за време на нападот.
Насилството претставува предизвик и за Израел и за Палестинската Управа (ПА), единственото меѓународно признаено палестинско раководно тело со седиште на Западниот Брег.
Израелската Армија соопшти дека е во состојба на висока готовност и се подготвува за напади, вклучително и оние на милитантите на Хамас на Западниот Брег.
„Хамас се обидува да го проголта Израел во војна на два или три фронта, вклучувајќи ја либанската граница и Западниот Брег“, изјави за медиумската агенција Reuters портпаролот на израелската Армија, потполковник Џонатан Конрикус кој нагласи: „Заканата е зголемена“.