Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска, на средба со кинеска воена делегација, изјави дека неговата земја мора систематски да ја подобри својата способност за справување со стратешките ризици, да се придржува до стратешките интереси и да ги исполнува стратешките цели, „со цел да ја зајакне својата војска и да победи во војните“.
На средбата, за време на годишната седница на парламентот, Си истакна дека Кина ќе ги консолидира и подобри интегрираните национални стратешки системи и капацитети, пренесуваат британските медиуми.
-Кина треба да го подобри синџирот на производство и синџирот на снабдување, рече претседателот Си.
Си е врховен командант на кинеската војска и формално ќе биде избран за претседател следната недела, со што ќе го почне својот трет последователен мандат.
Тој денеска на средбата се појави во маслинесто зелен костум, потсетувајќи ја армијата дека мора да биде предводена од партијата.
-Кина мора подобро да ја користи воената наука, како и технологијата за да ја зајакне војската и да победи во војните, додаде Си.
Кинескиот претседател побара од националните лаборатории да го забрзаат истражувањето на полето на воената технологија за Кина да не мора да се потпира на други земји.