Поранешниот министер за надворешни работи на Кина, Чин Ганг, кој беше сменет во јули, имал вонбрачна врска додека бил амбасадор во Соединетите Американски Држави (САД), тврди весникот Wall Street Journal.
Според американскиот весник, Чин Ганг соработувал во истрагата, која сега е фокусирана на тоа дали аферата или неговото однесување ја загрозува националната безбедност на Кина.
На високи кинески функционери им било кажано дека внатрешната истрага на Комунистичката партија открила дека Чин Ганг се вклучил во аферата додека бил амбасадор на Кина во САД. Два извори им потврдиле на новинарите на Wall Street Journal дека аферата резултирала со раѓање на дете во САД.
Министерството за надворешни работи на Кина не одговорило веднаш на барањето на медиумската агенција Reuters за коментар за тврдењата на американскиот весник.
Чин Ганг беше сменет како министер за надворешни работи во јули од страна на ветеранот дипломат Ванг Ји по едномесечно отсуство од функцијата. На функцијата министер беше едвај половина година.
Чин Ганг претходно служеше како врвен кинески дипломат во Вашингтон.