Српскиот репрезентативец Александар Митровиќ вчера се покажа во лошо светло, откако направи општ хаос на четвртфиналниот натпревар од ФА Купот против Манчестер Јунајтед.
Фулам загуби од „Црвените ѓаволи“ со резултат 1:3, а исходот на натпреварот можеби ќе беше поинаков доколку Митровиќ останеше на теренот до крајот на натпреварот.
Откако Вилијам играше со рака, судијата Крис Кавано се консултираше со ВАР-собата и покажа на белата точка, а потоа му даде црвен картон на Вилијам.
Митровиќ поради тоа збесна, а потоа го турна судијата Кавано и влезе во вербален напад, што беше почетна фаза за големата гужва и општиот хаос што настана на теренот, а српскиот репрезентативец доби и црвен картон.
Поради овој испад, Србинот веќе доби парична казна и нема да игра на следните три натпревари, но челниците на Фудбалскиот сојуз на Англија имаат можност да поднесат барање за продолжување на суспензијата.
Во превод тоа значи дека Митровиќ може да биде казнет уште построго, доколку се утврди дека досегашната казна е недоволна.