Познат хрватски трговски ланец е прогласен за виновен и казнет поради продажба на храна штетна по здравјето на луѓето.
Во овонеделната пресуда е наведено дека санитарната инспекција во Копривница извршила увид во супермаркетот „Плодина“ и нивниот магацин и утврдила дека „пуштиле во промет нездрава храна, односно храна штетна по здравјето на луѓето“, пренесува Сеебиз.
Станува збор за сокот „ Fruity Sensation 100% јаболко , 1L, најдобро да се користи до: 11 јануари 2025 година, L1934G1, Го продава во Република Хрватска: Plodine“.
Со официјална анализа на сокот од јаболко во овластена лабораторија на Институтот за јавно здравје Др. Андрија Штампар, лани во јуни беше пронајдено поголемо количество патулин од дозволеното. Инаку, патулинот е многу честа состојка во природните сокови од јаболка.
„Значи, Плодине пласираше на пазарот нездрава храна која содржи загадувачи кои ги надминуваат максимално дозволените количества според прописите со кои се уредува областа на контаминатите“, се вели во пресудата.
Плодине се казнети со 2.400 евра, а одговорното лице во компанијата мора да плати 600 евра казна. Треба да платат и по 30 евра прекршочни трошоци. Пресудата е конечна.
Патулинот е еден од микотоксините и се произведува од одредени видови мувла. Докажано е дека е токсичен за многу живи организми, а симптомите на акутна токсичност се возбуда, во некои случаи грчеви, отежнато дишење, конгестија на белите дробови, едем и улцерација, хиперемија и дистензија на гастроинтестиналниот тракт.
Во случај на субакутна и субхронична токсичност најчести симптоми се нарушувања во гастроинтестиналниот тракт со улцерации, надуеност и крварење, а при високи дози и промени во функцијата на бубрезите, истакнуваат во Хрватската агенција за храна, пишува даница.хр.