Скопје избран за Европска престолнина на културата за 2028 година

– Министерката за култура на Северна Македонија, Бисера Костадиновска-Стојчевска, рече дека изборот на Скопје за Европска престолнина на културата за 2028 година претставува огромен успех за македонската култура.

Министерката Костадиновска-Стојчевска одржа прес-конференција на која информираше за изборот на главниот град од страна на Европската комисија, како и за одржувањето на статусот на Охридскиот Регион како светско културно и природно наследство со исклучителна универзална вредност.

Според плановите на Европската комисија, во 2028 година три града треба да ја носат титулата европски престолнини на културата: еден град во Чешка, еден во Франција и еден град од земја надвор од Европската Унија, од земја членка на ЕФТА/ЕЕА, земја кандидат или потенцијален кандидат за членство во ЕУ.

Скопје се натпреваруваше со Будва за да стане европска престолнина на културата за 2028 година во земја надвор од ЕУ.

„Овој избор претставува едно признание за сите наши заеднички заложби за негување на културното богатство и на европските вредности и како граѓани, но и како држава. Европските експерти ја препознаа искрената посветеност на сите надлежни институции што се инволвирани во овој процес, за што Министерството за култура вложи сериозни напори и овозможи непречено одвивање на процесот и аплицирањето”, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Таа ѝ се заблагодари за соработката на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, како и на тимот што ја подготви апликацијата.

„Уште еднаш докажавме дека културата не треба да биде предмет за поделба, туку културата треба да се издигне над сите поделби. Мене ми е навистина драго што како Министерство и што како дел од оваа Влада имавме можност и да помогнеме во тој процес и имавме можност да ја добиеме и оваа позитивна вест”, рече министерката.

– Охридскиот Регион останува на листата на светско културно и природно наследство

Министерката Костадиновска-Стојчевска, исто така, информираше дека Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 45. сесија одржана во Ријад, Саудиска Арабија, одлучи да го остави Охридскиот Регион на листата на светско културно и природно наследство со исклучителна универзална вредност.

„Со оваа одлука Комитетот ги уважи нашите напори, како и заедничките напори со Република Албанија за зачувување на престижниот статус на Охридскиот Регион. Комитетот го вреднуваше фактот дека експертските тимови на двете држави заеднички изготвиле стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион со акциски план”, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека одлуката е усвоена и со препораки, додавајќи дека Северна Македонија и Албанија ги споделуваат природните убавини, но и одговорноста за Охридското Езеро.