На наплатната рампа Прешево е промовиран заедничкиот интегриран електронски систем за наплата (ЕНП) на патарините во Србија, Северна Македонија и Албанија, што беше договорено минатата година на Самитот на „Отворен Балкан“ во Охрид.
Овој интегриран електронски систем за плаќање им овозможува на граѓаните на Србија, Северна Македонија и Албанија да купат електронска картичка за патарините во која било од трите земји, без разлика каде е регистрирано возилото.
Системот го промовираа премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, во присуство на министерот за транспорт и врски на Северна Македонија, Благој Бочварски, и министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ.
Според надлежните, со овој нов начин на плаќање патарина ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот, ќе се намали метежот на автопатиштата, а ќе се олесни и циркулацијата на возилата на патарините и граѓаните нема да мора да чекаат во редици со часови среде сезона.
– „Отворен Балкан“, иницијатива за „подобрување на секојдневниот живот и трговијата“
Премиерката на Србија, Брнабиќ, пред присутните рече дека српската Влада преку иницијативата „Отворен Балкан“ сака да го олесни движењето на стоки, луѓе, капитал и услуги, со цел, како што рече, да ги подобри секојдневниот живот и трговијата за сите во земјата.
„Ние работиме заедно во регионот за целиот европски транзит да оди преку Балканот. Иницијативата ‘Отворен Балкан’ е отворена за сите и кога имате ваков проект, кој носи конкретни придобивки за граѓаните, тогаш гледате дека и други, надвор од овој регион, сакаат да се вклучат, како Хрватска и Грција… не во целата иницијатива, но во конкретни проекти“, рече Брнабиќ.
Премиерот на Северна Македонија, Ковачевски, ја пофали иницијативата „Отворен Балкан“, во чии рамки е овозможен системот за брзо плаќање со помош на ТАГ-уредот на патарината.
„Ова е најдобра потврда дека ‘Отворен Балкан’ е иницијатива што дава резултати, која функционира и која луѓето ја сакаат. ‘Отворен Балкан’, ако погледнеме на истражувањата за јавно мислење, е единствена регионална иницијатива што има поддршка над 80 отсто во земјите што се дел од иницијативата. А тоа е затоа што иницијативата дава резултати“, додаде Ковачевски.
– Граѓаните покажуваат „голем интерес“ за заедничкиот електронски систем ЕНП
Министерот Весиќ рече дека овој проект е во согласност со политиките на земјите учеснички за да се овозможи брзо движење на стоки и капитал. Тој најави дека оваа електронска наплата во Србија ја добиле над 13.000 луѓе што, според него, го покажува големиот интерес на граѓаните.
„Дневно во Северна Македонија преминуваат околу 7.000 возила со српски регистарски таблички. Во првите шест месеци имавме речиси 33 милиони возила на нашите автопатишта и очекуваме до крајот на годината да достигнеме речиси 72 милиони, што е зголемување за 4,6 отсто, додека приходите се повисоки за 12,5 отсто“, нагласи Весиќ.
Во меѓувреме, министерот Бочварски истакна дека во Северна Македонија напредува интегрираниот систем на електронски плаќања, при што околу 33 отсто од плаќањата на патарините низ државата се вршат преку овој систем.
„Драго ми е што една изворна иницијатива на двете држави, Северна Македонија и Србија, денес се претвори во реалност, а тоа е политика на поврзување, на побрз транспорт на товарен и патнички транспорт низ двете земји“, додаде Бочварски.
На промоцијата на ЕНП-системот присуствуваа и министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.