Скриените опасности од конзумирањето јаболков оцет

Иако јаболковиот оцет често се поврзува со витка линија и низок холестерол, неговата секојдневна употреба може да биде штетна за здравјето.

Јаболков оцет може да се најде во секој дом. Тој е незаменлива состојка во салатите, одличен сојузник во борбата против наслагите од камен, а многу луѓе често го користат како средство за слабеење и тонирање на телото. И додека неговото често присуство е посакувано во салатите и во бањата, кога станува збор за секојдневно пиење за да се постигне послаба линија, мислењата на експертите се многу поделени, бидејќи има и несакани ефекти. За тоа какви скриени опасности демнат, пренесува порталот Хелтлајн.

Јаболков оцет може да ја оштети забната глеѓ

Јаболковиот оцет содржи јаболкова и оцетна киселина, што може драстично да влијае на pH вредноста на усната шуплина. Оваа нерамнотежа доведува и до оштетување на природната бариера на забите, ја зголемува нивната чувствителност и доведува до кариес. Научниците дури спроведоа експериментални истражувања на оваа тема, а резултатите покажаа дека оцетот предизвикува губење помеѓу 1 и 20 отсто од минералот на забите по само 4 часа поминати во оцет.

Изгореници може да настанат и поради секојдневно консумирање

Освен тоа, поради концентрацијата на киселини, јаболковиот оцет може да предизвика изгореници на усната шуплина и хранопроводникот, што секако нема да донесе ништо добро. Оцетот може да предизвика и површни изгореници на кожата околу усните што доаѓа во контакт со него при пиење. Имаше дури и случај кога една жена доживеала изгореница во хранопроводникот бидејќи во неа се заглавила таблета со екстракт од јаболков оцет.

Поради честото внесување оцет може да настрадаат и коските

Иако научниците немаат цврсти докази дека јаболковиот оцет влијае на нивото на калиум во крвта и здравјето на коските, некои студии сугерираат дека постои поврзаност. Во медицината имало случај на 28-годишна девојка која 6 години пиела по една шолја јаболков оцет дневно, по што и била дијагностицирана остеопороза, која не е типична за таа возраст.

Оцетот во комбинација со лекови може да има и несакани ефекти

Некои лекови во комбинација со јаболков оцет можат да имаат поинаков ефект врз телото. На пример, луѓето кои земаат инсулин и оцет може да доживеат драматичен пад на нивото на шеќер и калиум во крвта. Слично е и со одредени лекови за кардиоваскуларни болести, кои сами по себе го намалуваат нивото на калиум. Во комбинација со оцет, нивото на овој минерал може да падне премногу, што може да го загрози здравјето.