Ние, политичарите, треба да бидеме пример за работење со интегритет, а потоа тоа да го бараме и од останатите. Личниот интегритет е важен за сите нивоа во општеството, но клучна е и транспарентоста во работењето, за граѓаните да имаат вистинска слика за состојбите, порача денеска вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска на конференцијата „Зајакнување на жените и младите во борбата против корупцијата и во вградувањето на европските фундаментални права и вредности во регионот“.
Конференцијата ја организираше Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција, а учествуваа Мирјана Лазарова Трајковска, судијка во Врховниот суд и поранешна судијка во ЕСЧП, Ина Рама, судијка во Специјалниот Апелационен совет при Уставниот суд на Република Албанија, Ленче Ристовска, јавна обвинителка и прв обвинител за врска на Република Северна Македонија со Eurojust – Агенција на ЕУ за соработка во областа на кривичното право, Бојана Савовиќ, заменик-обвинителка во Вишото јавно обвинителство во Белград, Република Србија и Јелена Перовиќ, директорка на Агенцијата за спречување на корупција на Црна Гора.
Сумирајќи ги излагањата од првиот панел што го модерираше, Грковска заклучи дека општата атмосфера на неказнивост ги дерогира нашите општества, како и двојните стандарди и немањето доволно солидарност за лугето со интегритет.
-Убедена сум дека жените и младите се носители на позитивните промени во општеството. И затоа ми е драго што денеска ја прошируваме мрежата за соработка и поддршка на жени, кои се или биле вклучени во напорите за промоција и вградување на принципите за добро владеење, за превенција и справување со корупцијата, но и за поддршка на младите од регионот, за да се обединат во зголемување на притисокот за градење на општества засновани на интегритет, чесност и одговорност, истакна Грковска.
Еминентните говорнички споделија свои лични искуства во вршењето на својата професија и за состојбата во стручната фела. Тие беа согласни дека жените се навистина бројно застапени во земјите од целиот регион, но дека тоа не ја одразува реалната моќ и застапеноста на одлучувачко ниво. Осврнувајќи се на родово заснованите ризици во вршењето на одговорните задачи во борбата против криминалот и корупција, тие се осврнаа на притисоците и омаловажувањата на кои биле подложени.
Ова беше втора регионална конференција на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција, а се одржува со поддршка на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија.