Светската јавност будно го следи конфликтот меѓу Израел и Палестина, откако организацијата Хамас во саботата истрела ракети од Појасот Газа кон јужниот и централниот дел на таа земја. Во таа прилика загинаа стотици лица а 545 беа ранети. Следуваше состанок на сите лидери на Израел и државата прогласи воена состојба и мобилизација на полициски и воени резервисти, а на граѓаните им нареди да се кријат во засолништа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по ракетните напади на Хамас и инфилтрацијата на неговите членови изјави дека Хамас ќе плати висока цена за овој напад.
„Ние сме во војна, ова не е воена операција. Хамас изврши смртоносен, ненадеен напад врз Израел и нашите граѓани. Дадов инструкции прво да ги исчистат селата каде што извршија инвазија, а потоа следуваше мобилизација на резервисти да му одговори на непријателот со сите сили. Хамас ќе плати цена каква што досега не платил. Во меѓувреме ги повикувам сите граѓани строго да ги следат инструкциите на армијата бидејќи сме во војна, ќе победиме “, рече Нетанјаху во своето обраќање до нацијата.
Европската унија со голема загриженост ги следи вестите од Израел и недвосмислено ги осудува нападите на Хамас, соопшти високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.
,,Ова страшно насилство мора веднаш да престане. Тероризмот и насилството не решаваат ништо. ЕУ ја изразува својата солидарност со Израел во овие тешки моменти“, напиша Борел на Твитер.
Кој стои зад овој напад, од каде Хамас го набавил оружјето и како израелската воена тајна служба „АМАН“ ја пропуштила подготовката за овој напад, одговор даде Дарко Трифуновиќ од Институтот за национална безбедност. Тој смета дека зад сето ова стои Русија.
„Постојано сум во контакт со дури тројца полковници и имаме силно мислење за тоа кој стои зад оваа операција – тоа се Иран и Русија. Целта е јасна, дестабилизација и одвраќање на фокусот на светот од војна во Украина“, објаснува Трифуновиќ.
Тој смета дека Иран и Русија ги вооружуваат Палестинците, но и дека ова е само почеток, односно дека чекаат вмешаност на друга организација.
,,Хезболах чека да се приклучи, тие се под иранска директива и се подобро организирани од Хамас“, објаснува соговорникот.
Според него, следните земји каде што може да избие конфликт се Казахстан и Босна и Херцеговина, но дека ниту Србија не е безбедна со оглед на настаните во Бањска, Косово, зад кои, според него, стојат руските тајни служби. Тој смета дека Русија влегла во конфликт со целиот свет и дека нејзини главни сојузници во таа војна се Иран и Северна Кореја.
Запрашан за проценка на времетраењето на конфликтот во Израел, Трифуновиќ вели дека нема да заврши така.
,,Овој конфликт во Израел ќе продолжи, тие најавија целосна мобилизација. Се чека голема истрага – мора да истражат како нивниот систем не ја предвидел оваа можност, како и кој стои зад ова, а очигледно е дека тоа се Русија и Иран Јасно е дека Хамас и „ХЕЗБОЛАХ“ се сателитски организации во рацете на Иран и Русија“, вели Дарко Трифуновиќ.
Тој исто така тврди дека на Израел не му е потребна помош, и дека иако биле „удирани во нос“, можат да се справат со ова, бидејќи нивната војска е меѓу најсилните во светот.
На крајот, тој заклучува дека доколку конфликтот се деескалира, можеме да го очекуваме во Босна и Херцеговина или во Казахстан.