Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека САД ќе бидат домаќини на следниот самит на Г20 во неговиот имот во Флорида.
Како што рече, станува збор за „Трамп Нешнал Дорал“ (Trump National Doral) во Мајами, каде што има терени за голф, објавува Политико.
Ќе имаме чест да бидеме домаќини на самитот на Г20 тука во Америка за прв пат по речиси 20 години. Секој сака да биде во Дорал затоа што е веднаш до аеродромот. Тоа е најдобрата локација, сè е прекрасно – рече Трамп во Белата куќа додека потпишуваше низа извршни наредби.
Трамп додаде дека нема лично да има корист од тоа и дека би сакал рускиот претседател Владимир Путин да дојде на тој самит.
Според американскиот претседател, секретарот за финансии Скот Бесант ќе го организира дневниот ред за самитот, а директорот на Националниот економски совет Кевин Хасет ќе биде лице за контакт.
Градоначалникот на Мајами, Франсис Суарез, пак, изјави дека е чест за градот да биде домаќин на самитот на Г20 и дека тоа претставува историски момент за Мајами и американската нација.
Г20 е форум на земји основан во 1999 година, кој се состанува за да разговара за плановите за глобалната економија.
Членките на Г20 сочинуваат 85 проценти од светското економско производство и 75 проценти од светската трговија.