Стотици чешки земјоделци денеска со своите трактори пристигнаа во Прага, каде протестираат против земјоделската политика на ЕУ и чешките власти.
Во главниот град на Чешка пристигнаа повеќе од 500 трактори, а пристигнуваат и повеќе возила, пренесува чешкиот портал Новинки.
Насобраните земјоделци свиреа додека министерот за земјоделство Марек Виборни влезе во зградата на ресорното министерство.
Протестот го организираат Синдикатот на земјоделските работници и Здружението на слободни синдикати, а портпаролот на земјоделците Данијел Штерзик изјави дека демонстрантите бараат „владата да се изјасни дали сака да преземе чекори за спас на чешкото земјоделство“.
Земјоделците во земјите од Европската унија последните месеци протестираат поради земјоделската политика на ЕУ, ниските цени на нивните производи и укинувањето на субвенциите за гориво наменето за земјоделството.