45-годишен маж, кој ги загуби двете раце во железничка несреќа, беше подложен на 12-часовна операција за трансплантација на рака во болницата Сер Ганга Рам во Делхи.
Раџ Кумар, 45-годишен сликар кој ги загуби двете раце во железничка несреќа пред четири години, беше подложен на 12-часовна билатерална операција за трансплантација на раце во болницата Сер Ганга Рам во Делхи, објави PTI.
– Раџ Кумар, жител на Нанглои во главниот град, со својот велосипед ја минувал железничката пруга во близина на неговата куќа кога изгубил контрола и паднал на шините. На него налета воз и во таа несреќа ги загуби двете раце. После тоа, тој стана зависен од другите за неговите секојдневни активности, рече д-р Махеш Мангал, претседател на Одделот за пластична и естетска хирургија во болницата Сер Ганга Рам.
Неговите единствени опции биле или употреба на протетика или трансплантација на рака.
-Почна да користи протетика, но неговата протеза на ногата беше неуспешна и единствена надеж му беше трансплантација на рака, изјави д-р Мангал.
Во февруари 2023 година, болницата Сер Ганга Рам стана првата болница во Северна Индија која доби лиценца да врши трансплантација на раце.
– Кога баравме потенцијални кандидати за трансплантација на рака, Кумар беше на нашата листа на чекање. Според протоколите за трансплантација, извршени се детални прегледи и потребни испитувања. Во третата недела од јануари, за Раџ Кумар се појави трошка оптимизам кога му се јавија од болницата, рече докторот.
На 19 јануари, тим хирурзи соработуваше за да ја изврши сложената процедура, деликатно повторно прицврстувајќи ги различните компоненти – коски, артерии, вени, тетиви, мускули, нерви и кожа.
– Прецизноста и стручноста беа клучевите, кои обезбедија беспрекорна интеграција на трансплантираните раце во телото на Раџ Кумар, рече Мангал.