Словачка не воведува вонредна состојба поради атентатот врз премиерот

Словачката влада денеска одлучи да не воведе вонредна состојба по атентатот на премиерот Роберт Фицо, туку само да ја зајакне безбедноста на службениците и ранливите категории, вклучително и новинарите, изјави во Братислава вицепремиерот и министер за одбрана Роберт Калинак, јави Хина.

-Не сакам да навлегувам во граѓанските слободи и права. Сакам да одиме по патот на смирување на општеството. Ако безбедносната ситуација се влоши, секогаш можеме да го направиме тоа, изјави Калинак по состанокот на Советот за безбедност на Словачка и седницата на Владата.

Политичките партии во Словачка одлучија да го прифатат апелот на избраниот претседател на земјата, Петер Пелегрини, да се откажат од кампањата пред јунските избори за Европскиот парламент или да ја намалат што е можно повеќе.

Веднаш по вчерашниот атентат на премиерот Фицо, опозицијата ги откажа големите протести поради напорите на власта да воведе промени во судството и јавните медиумски услуги по моделот на Унгарија и до неодамна Полска, за кои двете земји беа во спор со Европската унија, која оцени дека овие реформи го загрозуваат владеењето на правото и слободата на медиумите.

Повеќето партии ја отфрлија можноста за коментирање на веста за атентатот на нивните веб-страници или на социјалните мрежи, а полицијата ги замоли словачките медиуми да го сторат истото.

Калинак и министерот за внатрешни работи, Матус Шутај Ешток, особено апелираа до медиумите да бидат воздржани и да ги проверуваат информациите пред да ги објават.

Калинак за британската телевизија Би-Би-Си изјави дека се шират непроверени или полувистинити и невистинити вести за Фицо, меѓу другото, дека тој е против помошта за Украина, додека Шутај Ешток истакна дека Фицо е само против давање оружје на Украина.

Словачкиот министер за одбрана предупреди дека словачката и украинската влада неодамна се состанаа за заеднички да проценат каква помош му е потребна на Киев.

Калињак ги оспори тврдењата дека напаѓачот на премиерот, 71-годишниот Јурај Цинтула, кој некогаш бил пацифист, се состанувал со илегалната паравоена организација „Словачки бранители“, која е проруска и е блиска со руската моторџиска група „Ноќни волци“.

Тој изјави дека Цинтула само еднаш дошол да им ја рецитира својата пацифистичка песна на екстремистите за да ги повика да престанат да користат оружје и додаде дека се разделил со словачките бранители.

Матус Шутај Ешток ги отфрли критиките кои се повеќе се слушаат за вчерашната акција на обезбедувањето на премиерот Фицо во местото Хандлова, каде што не го забележале атентаторот со пиштол во непосредна близина и му дозволиле да испука пет куршуми, наместо да го оневозможите по првиот.