Кофеинската верзија на многу популарниот и светски познат енергетски пијалок PRIME (Прајм) е забранета во Словенија бидејќи содржи состојка Л-теанин, која не е дозволена во безалкохолните пијалоци, соопшти Управата за безбедност на храна на Словенија, пренесуваат тамошните медиуми.
Станува збор за брендот на двајца познати Јутјубери, контроверзниот инфлуенсер и WWE борач, Логан Пол и британскиот Јутјубер – KSI.
Поради оваа причина, на операторите им било наредено повеќе да не ја продаваат верзијата на пијалокот кофеин, додека пак верзијата без кофеин ќе остане на полиците.
По барањата на потрошувачите и пријавите од Здружението на потрошувачи на Словенија, инспектори од Управата за безбедност на храна, ветеринарна медицина и заштита на растенијата на Република Словенија извршија инспекција и утврдија дека една од двете верзии на пијалокот во оптек содржи Л-теанин, а пијалокот е забранет од понеделник.
Кофеинскиот енергетски пијалок од овој бренд содржи дури 200 милиграми кофеин по конзерва, додека другите познати енергетски пијалоци на пазарот содржат околу 80 милиграми кофеин по конзерва.
И покрај тоа што на конзервата пишува дека не е наменета за лица помлади од 18 години, светлите бои на амбалажата и возбудата на социјалните мрежи покажуваат дека нејзиниот маркетинг е наменет за тинејџери.
Вистинско лудило владееше за пијалокот кај адолесцентите, а тој исчезнал од полиците во американските продавници за неколку часа, додека пред продавниците се создаваа редици пред неговата продажба во Велика Британија. Во меѓувреме, поради огромната побарувачка, неговата цена порасна, а KSI еднаш на социјалната мрежа Х (Твитер) соопшти дека пијалокот се продава дури и на црниот пазар, а од неодамна е достапен и во Македонија и е многу популарен помеѓу најмладите.