– Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон телефонски разговараше со својот израелски колега Израел Кац за најновата ситуација во Газа.
„Побарав итен прекин на огнот. Изразив надеж дека ќе се постигне договор за заложниците и повикав да не се започнува воена операција во Рафа бидејќи тоа ќе ја влоши и онака ужасната хуманитарна ситуација“, напиша Фајон на платформата X.
За време на разговорот, таа нагласила и дека хуманитарната помош мора да стигне до сите оние на кои им е потребна во опколената енклава.
Во Рафа се сместени околу 1,5 милиони Палестинци претходно раселени поради израелската офанзива врз Газа, барајќи засолниште од нападите.
Најавените планови на Израел за офанзива врз градот го активираа меѓународниот аларм, при што многу земји повикаа на воздржаност или откажување на операцијата.
Израел спроведува смртоносна воена офанзива во Појасот Газа по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври, во кој Тел Авив вели дека загинале речиси 1.200 Израелци.
Оттогаш во израелските напади загинати се над 30.700 Палестинци, а над 72.000 се повредени.
Израел, исто така, воведе целосна блокада врз Појасот Газа, оставајќи го населението, особено жителите на северна Газа, на работ на глад.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските напади врз Појасот Газа и понатаму продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.