Случајот ја шокираше Франција: Најмалку 15 мажи кои ја силуваа Жизел Пелико поднесоа жалба на пресудата

Најмалку 15 мажи кои беа прогласени за виновни за силување или сексуална злоупотреба на Жизел Пелико, поднесоа жалба на своите пресуди. Нејзиниот случај ја шокираше Франција, а Пелико не сакаше да остане скриен од јавноста за да испрати силна порака.

Вкупно 51 маж, вклучувајќи го и нејзиниот поранешен сопруг Доминик Пеликот, беа осудени на затворски казни од три до 20 години по судењето кое траеше три и пол месеци. Доминик Пеликот е осуден на 20 години затвор.

Судот прогласи 47 мажи за виновни за силување, двајца за обид за силување и двајца за сексуална злоупотреба. Нејзиниот сопруг со години ја дрогирал во текот на ноќта и ги повикувал мажите да ја силуваат.

Осудените имаат рок до понеделник на полноќ да поднесат жалба, а некои веќе го направиле тоа. Освен затворската казна на Пеликот, сите казни беа пониски од оние што ги бараа јавните обвинители, кои имаат и рок за жалба.

Жалбеното рочиште, на кое ќе се преиспитаат сите докази, ќе се одржи во Ним и ќе го сослуша обична порота, за разлика од судењето во Авињон, кое го надгледуваше комисија од професионални судии.