Случај „Геријатрија“: Директорот негира дека барал мито за болнички прием

Share 0

Двајцата обвинети во случајот познат во јавноста како „Геријатрија“, кој се однесува на барање мито, се изјаснија дека не се чувствуваат виновни во судскиот процес што започна денеска (1 септември) во Основниот кривичен суд во Скопје.

Обвинети во предметот се Мухсин Арифи кој како директор на Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина се товари за примање мито и Блерим Амити кој се гони за примање награда за противзаконито влијание.

Според обвинителниот акт, Арифи побарал 20.000 евра за да овозможи во болницата да биде примена пациентка во тешка здравствена состојба. Амити, пак, кој претходно го познавал сведокот, се понудил да посредува и ги примил парите при што беше фатен на лице место од полицијата.
Обвинителката во случајот, Искра Хаџи Василева, во воведните зборови пред судот нагласи дека случајот е пример за длабоко вкоренета корупција во општеството.

„Пропорциите и интензитетот на корупцијата се толку многу длабоки што нè потсетуваат дека ја засегаат секоја сфера од нашето живеење“, рече таа.

Хаџи Василева во судницата рече и дека обвинетите дејствувале од лукративни причини, со цел лично богатење, а за тоа ја искористиле ранливоста на пациентката и нејзината потреба за итна медицинска грижа.

Адвокатите на обвинетите, пак, најави дека во текот на судскиот процес ќе презентираат докази со кои тврдат ќе покажат оти ниту Арифи ниту Амити не можеле односно немале намера да извршат какво било кривично дело.

„Доказите кои ќе бидат изнесени и презентирани во понатамошниот тек од постапката, убедени сме дека ќе упатат на недоразбирање што настанало во овој т.н. кривично правен настан“, соопшти одбраната.

Случајот со „Геријатрија“ беше обелоденет во април годинава, а обвинението беше поднесено на почетокот на јули.

Барањето мито, според тврдењето на обвинителството, било пријавено од сведок кој е давател на доживотна издршка на пациентката за која се барало болнички прием во Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина.