Случај „Онкологија“ – Условна казна за онкологот Мери Пешевска

Основниот кривичен суд во Скопје ѝ изрече условна казна од две години без забрана за вршење на професијата на второобвинетата во случајот со онкологијата, онкологот Мери Пешевска, доколку во рок од пет години не стори ново кривично дело. Пред две судски рочишта, Пешевска се изјасни за виновна за делото небрежно лекување на пациенти, по што кривичната постапка против неа беше одвоена.

Пешевска, заедно со поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев и уште двајца онколози, беше обвинета за небрежно лекување на пациентите.

Според обвинението, тие се товарат за кривичните дела „тешки кривични дела против здравјето на луѓето“ и „небрежно лекување“, при што кај 29 пациенти е применета несоодветна терапија, со пропусти во дозирањето и без соодветна проценка на нивната здравствена состојба.

Онколог Пешевска пред Судот изјави дека не е сигурна дали продолжила со терапијата за седумте пациенти за кои е обвинета, бидејќи, како што рече, „нејзиниот печат во тој момент бил на шалтерот со цел да им се обезбеди брза услуга на пациентите“. Во својот завршен збор таа нагласи дека целиот свој живот го посветила на пациентите и дека е вработена на Клиниката за онкологија од 2002 година, а специјалист онколог е од 2007 година.

Дополнително, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката, Нехат Нухиу, постои уште едно обвинение за злоупотреба на службената положба на штета на над 2,2 милијарди денари за државниот буџет.