Смрт на близнаци во прилепска болница: Новородените бебиња премрзнале до смрт

Причината за смртта на новородените близнаци од село Славеј, Прилеп, ќе се утврдува со обдукцијата која ја нареди јавен обвинител, по вчерашната трагедија кога две бебиња починаа по тешка здравствена состојба, едното момче, во куќа во Славеј, додека другото девојче во прилепската болница.

Од болницата соопштија дека бебињата биле пресмрзнати. Тие се родени во болница на 30 декември, во 34-та недела од бременоста, со мала тежина помала од два килограми. Мајката во своја одговорност на 10 јануари решила да ги однесе бебињата во својот дом во Славаје.

„На 16 јануари во 10.45 часот на детското одделение во критична состојба е донесено новороденче женско лице како последица од премрзнатост. Според достапните информации, машкото новороденче претходно починало дома од истата причина. По приемот на женското новороденче, веднаш била преземена интензивна медицинска интервенција. Извршена е реанимација, новороденчето е интубирано, поставено на топло ќебе и применети се дополнителни мерки за затоплување. И покрај напорите на медицинскиот персонал, состојбата продолжила да се влошува. Во 13 часот, за жал, констатирана е смрт кај новороденчето. Чувствуваме длабоко жалење за загубата и остануваме посветени на обезбедување најдобра можна грижа за сите пациенти“, соопштија од Општата болница со широки активности во Прилеп.

Екипа на Центарот за социјална работа од Прилеп вчера, но и денеска извршила надзор во семејната куќа во Славеј, во која има и три малолетни деца на возраст од 4,5, 3 и 1,5 години.

Педагогот Гордана Вељановска вели дека условите за живот се скромни, хигиената не е на задоволително ниво, но семејството не е во социјална опасност. Ќе има советодавни средби со родителите.

„Не станува збор за крајно лоши, нехумани услови како што беа изнесени вчера во јавноста. Условите за живеење се релативно добри, простори за живеење има, единствено што недостасува е хигиената дома, која не е на задоволително ниво. При нашата посета, куќата беше топла, имаше храна за децата, тие беа соодветно облечени, а за нив се грижеше нивниот дедо. Денеска е извршен претрес и во куќата. Хигиенските услови се подобрија. Родителите се подготвени да соработуваат. Ќе имаме советодавни состаноци. Ова семејство има право на додаток за трето дете и детски додаток. Таткото се занимава со физичка работа. Центарот во наредниот период ќе преземе стручно советодавна работа со родителите со цел зголемување на родителските капацитети. По донесувањето на одлуките за надзор на родителското право ќе се наведат конкретните должности кои родителите треба да ги исполнуваат и ќе го следиме“, изјави Вељаноска.

Од Центарот за социјална работа велат дека мерките ќе зависат од резултатите од обдукцијата за причината за смртта на бебињата.

При посетата на селото Славеј, соседите изразуваат жалење за загубата и трагедијата, потврдувајќи дека семејството живее во сиромаштија, додека колку можеле им помогнале. Дедото на децата Пецо Ристески денеска ги чуваше трите внуци од синот и снаата.

„Тоа се случи. Имаа нешто, бронхитис. Ги чувам децата. Овде е топло, се грижам за нив и сите лажат кои велат дека немаат услови за живот“, рече Ристески.

За причините за смртта на бебињата ќе се чекаат резултатите од обдукцијата што ја нареди јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп.