Началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир, нареди итна истрага по нападите утрово врз болницата „Насер“ во Кан Јунис, на југот од Појасот Газа.
Според Палестинците, израелската армија убила околу дваесет луѓе, вклучувајќи четворица палестински новинари – едниот работел за агенцијата Ројтерс, а другиот соработувал со агенцијата АП.
Израелската армија потврди дека извршила напад во таа област. Во соопштението, таа изрази „жалење за штетата предизвикана врз цивилите“, нагласувајќи дека „под никакви околности не ги таргетира новинарите“ и дека се стреми да „ги минимизира цивилните жртви, а воедно да ја заштити безбедноста на своите војници“.
Според телевизијата Ал Џезира, цел на нападот била болница во Кан Јунис. Прво, самоубиствен дрон го погодил покривот на болницата и убил најмалку еден новинар. Кога други новинари пристигнале на местото на настанот и кога лекарите дошле на помош, израелската армија започнала нов напад. Според податоците од Министерството за здравство во Газа, бројот на жртви се искачил на 20.
Ројтерс потврди дека нивниот снимател е меѓу загинатите, додека нивниот фотограф е ранет. Меѓу загинатите се новинар кој работел за агенцијата АП, новинар кој работел за американската телевизија НБЦ и снимател за Ал Џезира.
Израел не им дозволува на странските новинари да влезат во Појасот Газа, па затоа повеќето светски медиуми се потпираат на локалните новинари. Порано овој месец, ОН и Европската унија го осудија убиството на четворица новинари на Ал Џезира, вклучувајќи го и познатиот новинар Анас Шариф, кој исто така беше убиен за време на израелскиот напад врз болница во Газа. Израел во тоа време тврдеше дека Шариф бил поврзан со Хамас, но Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) соопшти дека никогаш не биле презентирани докази.
Американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на месецот изјави дека би сакал на странските новинари да им се овозможи пристап до Газа. Агенциите АФП, АП и Ројтерс, заедно со Би-Би-Си, во јули апелираа до Израел да им дозволи на нивните соработници да влезат и да го напуштат Појасот Газа поради заканата од глад.